Вените се крвни садови кои ја враќаат крвта од капиларите кон срцето, со помош на контракцијата на мускулите кои се сместени околу вените. Венскиот систем кај човекот се состои од површински и длабоки вени. За варикозна проширена вена зборуваме кога вената е зголемена и има јазлести проширувања. Секоја вена моше да биде варикозна, но најчесто се зафатени површинските вени на нозете. Проширени (варикозни ) вени се честа појава со која се соочуваат голем дел од луѓето, но почесто жените и е поврзана со наследност во фамилијата, бременост, обезитост, долги периоди на стоење, стареење, менопауза, покачен крвен притисок… Проширените вени се состојба која најчесто е предизвикана од ослабени или оштетени венски валвули (контролирачки елементи на протокот на крв во вените). Доколку валвулите се ослабени или оштетени, доаѓа до враќање на крвта и нејзино насобирање во вените што доведува до венски проширувања, кои можат да доведат и кон посериозни проблеми и компликации. Вообичаено проширените вени не предизвикуваат болка. По боја се темновиолетови или сини, испакнати и се протегаат по ногата како јаже. Кога ке се појават симптоми тие вклучуваат: болка и чувство на тежина во ногата , топлина, пулсирање, мускулни грчеви и отоци на нозете. Болката и отоците се појавуваат после подолго седење или стоење. Можно е да се јави и црвенило, сушење и јадеж на кожата околу вените нa нозете, потоа појава на кафено пребојување на вените , како и појава на пајаковидни вени. Посериозни компликации на варикозните вени се појава на кожни рани ( венски улцери) вообичаено блиску до зглобот кои миногу тешко заздравуваат, како и појава на згрутчување на крвта и воспаление на зафатената вена-тромбофлебит.
Затоа, од особена важност е навремено јавување кај васкуларен хирург за преглед, со цел спречување на посериозни компликации, утврдување на дијагнозата и степенот на венската болест за понатамошно дефинрање на мерките за лекување. Третманот на проширени вени вклучува користење на разни креми, гелови и таблети кои имаат тонично дејство на ѕидот на вената, како и компресивни чорапи, кои овозможуваат надворешна поддршка на ослабените вени.