Проширени (варикозни) вени се честа појава со која се соочуваат голем дел од луѓето, но почесто жените и е поврзана со наследност во фамилијата, бременост, обезност, долги периоди на стоење, стареење, менопауза, покачен крвен притисок…

Проширените вени се состојба која најчесто е предизвикана од ослабени или оштетени венски валвули (контролирачки елементи на протокот на крв во вените) Артериите ја носат крвта од срцето кон сите ткива и органи, додека вените имаат за задача да ја вратат назад до срцето, преку претходно споменатите валвули. Доколку валвулите се ослабени или оштетени, доаѓа до враќање на крвта и нејзино насобирање во вените што доведува до венски проширувања, кои можат да доведат и кон посериозни проблеми и компликации. Вообичаено проширените вени не предизвикуваат болка, а најчести знаци кои упатуваат на овој проблем се темно виолетови или сини, испакнати вени  кои се протегаат по ногата како јаже. Други симптоми кои укажуваат на проширени вени се:

Болка и чувство на тежина во нозете,

Топлина

Пулсирање

Мускулни грчеви

Отоци на нозете

Црвенило

Сушење и јадеж на кожата околу вените

Појава на кафено пребојување на вените

Појава на пајаковидни вени.

Посериозни компликации на варикозните вени се појава на кожни рани (венски улцери) вообичаено блиску до зглобот кои многу тешко заздравуваат, како и појава на згрутчување на крвта и воспаление на зафатената вена – тромбофлебит.

ШТО СЕ КОМПРЕСИВНИ ЧОРАПИ И КОЈА Е НИВНАТА УЛОГА?

Компресивните чорапи се специјално дизајнирани да вршат притисок на ткивото на нозете и ѕидовите на вените, и на тој начин да помагаат во одржување на протокот на крв. Улогата на компресивните чорапи е да ја имитираат контракцијата на мускулот кој се наоѓа околу вената, со цел да ја подобрат циркулацијата, со тоа што ќе се спречи крвта да се собира во вените, туку ќе се враќа од вените назад до срцето, и да ги ублажат отокот и болката.

Во компресивниот програм спаѓаат медицинските чорапи со градуирана компресија. Тоа значи дека компресијата е најсилна во пределот на глуждот и како што оди нагоре постепено опаѓа. Постојат прeвентивни, прв, втор и трет степен на компресија. Во моментот ние располагаме со прв степен на компресија CCL1 со јачина од 18-21 mmHg и втор степен на компресија CCL2 со јачина од 23-32mmHg.

Компресивните чорапи може да се користат кај следниве состојби:

Едем (оток) на долните екстремитети

Венска инсуфициенција: Неможност на вените да пумпаат крв назад до срцето

Проширени вени: Зголемени, отечени вени

Длабока венска тромбоза (ДВТ): Ова се случува кога протокот на крв се намалува во долните екстремитети, на пример, поради недостаток на движење неколку часа по операцијата, долго летање, итн. и се формира тромб

Лимфедема: Акумулација на лимфна течност во нозете

Флебитис: Воспаление на вените

После склеротерапија

Постоперативно.

КОИ СЕ ЗДРАВСТВЕНИТЕ ПРИДОБИВКИ ОД НИВНА УПОТРЕБА?

Носењето на компресивни чорапи ги има следниве здравствени придобивки:

Ја подобруваат  циркулацијата на крвта во нозете

Го намалуваат отокот во нозете

Ја намалуваат болката

Го намалуваат заморот во нозете

Спречуваат појава на венски улкуси

Спречуваат појава на длабока венска тромбоза

Ја подобруваат  лимфната дренажа

Помагаат при обновување на мускулите.

Како треба да се користат чорапите со компресија?

Во зависнот од клиничката слика и проблематиката на пациентот, и во консултација со доктор се одредува која должина и кој степен на компресија е соодветен за проблемот кој го има пациентот.

Компресивните чорапи имаат различни должини и големини, затоа пред да користите медицински компресивни чорапи, треба да бидете соодветно измерени од страна на стручно медицинско лице.

Компресивните чорапи обично се носат во текот на денот и се соблекуваат пред спиење. Ова може да варира при одредени состојби, па затоа се препорачува да ги следите препораките на Вашиот доктор. Чорапите може да се носат на едната или на двете нозе во зависност од состојбата.

Чорапите треба редовно да се перат за да се одржи нивната хигиена. Препорачливо е да се перат рачно за да се  задржи еластичноста подолго време. Ако чорапите со компресија станат лабави, пожелно е да ја прекинете нивната употреба, затоа што на тој начин не би се обезбедила соодветната компресија и би се намалил нивниот ефект.

Може ли да биде опасно носењето на чорапи со компресија?

Компресивните чорапи се прилично безбедни и генерално не предизвикуваат компликации. Меѓутоа за да се избегнат било какви компликации, важно е да го знаете следново:

Компресивните чорапи не треба да бидат премногу тесни или да предизвикуваат болка. Чорапите со компресија имаат различни големини, па затоа е важно да ја изберете точната големина по консултација со стручно медицинско лице.

Пред да користите чорапи со компресија, потребно е претходна консултација со доктор, бидејќи чорапите со компресија можат да бидат опасни кај одредени состојби и треба да се избегнуваат. Некои од тие состојби се:

Болест на артериите

Срцева слабост

Воспаление на вените што се шири на остатокот од телото

Инфекции и / или воспаленија на кожата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.