Автор: Проф. Михаил Петровски Страковски – магистер Кинезиолог

Кога се зборува за постура се зборува за држење на телото, односно положба на човечкото тело во просторот. Самиот зборот постура потекнува од латинскиот збор positura што значи положба. Нашата добра положба во текот на животот е под ендогено, односно надворешно и егзогено, односно внатрешно влијание, со што не се нарушува само нашето држење туку и функцијата на целото тело. Знаеме дека сите системи во нашиот организам се поврзани и дека една неправилност автоматски влијае на некоја друга. Но што всушност претставува добра положба на човечкото тело? Наједноставно објаснето, добра постура или правилно држење на телото е онаа во кое телото најмалку се труди, односно троши најмалку енергија за одржување на стабилна рамнотежа.

Модерниот начин на живот, постојаното брзање, стресот, долгото седење, долгото стоење на работното место, се помалата физичка активност а се поголемото користење на мобилните телефони се директни надворешни (ендогени) фактори кои влијаат на нашата постура. Поразателно е тоа што таквиот начин на живот почнува со самото запишување во училиште а веќе по завршувањето на основното образование голем дел од тинејџерите имаат проблем со држењето на своето тело, кој проблем понатаму само се зголемува. Како магистер Кинезиолог, мојата препорака за превенција, односно корекција на лошата постура е секако редовно и правилно вежбање. Различни форми на физичка активност поволно делуваат на мускулно – скелетниот и невролошкиот систем односно адекватна стимулација на овие системи ја ублажува слабоста на постуралната мускулатура и се јавува т.н. биолошка самокорекција на лошото држење на телото. Од спортови, најповеќе се препорачува пливање и одбојка, исто така неизоставни се и вежби за обликување и истегнување на телото како и вежби за дишење кои ја јакнат дијафрагмата и стомачните мускули. Вежби од типот гледање на своето тело во огледало во седење, стоење и одење и негова корекција се мотивирачки вежби, и вежби кои служат како репер, како нашето тело би требало да изгледа додека ги исполнуваме нашите дневни обврски. Постојано да размислуваме и да се потсетуваме дека треба да се исправиме, да ги рашириме рамената, да ја повлечиме брадата према назад додека седиме на работното место, чекаме автобус, пешачиме, всушност во секоја секунда од нашето секојдневие. Сите превнтивни мерки кои ги превземаме доведуваат до подобрување на нашата постура, а со тоа и на севкупниот баланс во нашиот организам и подобрување на нашето здравје. Затоа што иако ние забораваме, нашето тело памти, а секогаш подобрата опција е да го спречиме нештото одколку да го лечиме.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published.