6 лесни совети за здрави нозе

Движете се. Избегнувајте долготрајно седење или стоење. Физичката активност ја подобрува циркулацијата на крвта и го помага враќањето на крвта од вените во срцето. Затоа СТАНЕТЕ! Направете кратка прошетка, качувајте се по скали или обидете се да се движите додека сте во канцеларија или дома.

Одморете се. После долг и напорен ден, направете пауза и одморете се. Избегнувајте продолжено изложување на топлина од сончање, топли бањи или сауна, бидејќи прекумерната топлина предизвикува проширување на вените и појава на оток.

Подигнете ги нозете. За да ја подобрите циркулацијата во вашето тело, подигнете ги нозете додека седите или лежите на софата. Во канцеларија користете соодветно помагало кое ќе биде поставено под работната маса, наменето за да ги задржите нозете во идеална позиција при седење.

Одржувајте нормална телесна тежина. Одржувајќи нормална телесна тежина преку конзумирање на здрава исхрана и практикување на физичка активност, веројатно нема да ги почуствувате  симптомите на непријатност, болка и оток во нозете.

Откажете се од пушењето. Пушењето му штети на скоро секој орган од вашето тело и го зголемува ризикот од проширени вени и придружни компликации.

Носете компресивни чорапи. Компресивните чорапи може да помогнат  во подобрување на циркулацијата на крвта во нозете, да ја зголемат вашата енергија и да помогнат во одржувањето на здравјето на вашите нозе. Вашиот здравствен работник, доктор, терапевт или фармацевт може да ви помогне при правилен избор на компресија.