Што е уринарна инконтиненција?

Уринарната инконтиненција е неконтролирано испуштање на урината од мочниот меур. За да се воспостави контрола на мокрењето и нормална уринарна континенција, потребна е комплексна врска помеѓу мозокот, нервниот систем и органите во карлицата. Два кружни мускули (сфинктери) кои се наоѓаат на вратот на мочниот меур и почетниот дел на уретрата се одговорни за контрола на мокрењето. Иако се јавува почесто како што луѓето стареат, уринарната инконтиненција не е неизбежна последица на стареењето. Ако уринарната инконтиненција влијае на вашите секојдневни активности, не двоумете се да го посетите вашиот доктор. За повеќето луѓе, едноставните промени во животниот стил и исхраната или медицинската нега може да ги третираат симптомите на уринарна инконтиненција.

Симптоми

Многу луѓе доживуваат повремени, мали протекувања на урина. Други може почесто да губат мала до умерена количина на урина.

Видови на уринарна инконтиненција

Стрес инконтиненција. Урината протекува кога вршите притисок врз мочниот меур со кашлање, кивање, смеење, вежбање или кревање нешто тешко.

Ургентна инконтиненција. Имате ненадеен, интензивен нагон за мокрење проследен со несакано губење на урината. Можеби ќе треба често да уринирате, вклучително и во текот на ноќта. Ургентна инконтиненција може да биде предизвикана од мала состојба, како што е инфекција, или потешка состојба како невролошко нарушување или дијабетес.

Преливна инконтиненција. Имате чест или постојан излив на урина поради мочниот меур кој не се испразнува целосно.

Функционална инконтиненција. Физичко или ментално оштетување ве спречува навреме да стигнете до тоалетот.

Мешана инконтиненција. Искусувате повеќе од еден тип на уринарна инконтиненција.

Кога да посетите доктор

Може да се чувствувате непријатно да разговарате за инконтиненција со вашиот доктор. Но, ако инконтиненцијата е честа или влијае на квалитетот на вашиот живот, важно е да побарате лекарска помош бидејќи уринарната инконтиненција може:

Да ве натера да ги ограничите вашите активности

Негативно да влијае на квалитетот на вашиот живот

Да го зголеми ризикот од паѓање кај постарите возрасни лица додека брзаат кон тоалетот

Причини:

Уринарната инконтиненција може да биде предизвикана од секојдневни навики, основни медицински состојби или физички проблеми. Темелната евалуација од вашиот доктор може да помогне да се утврди што се крие зад вашата инконтиненција.

Привремена уринарна инконтиненција

Одредени пијалоци, храна и лекови може да дејствуваат како диуретици – го стимулираат мочниот меур и го зголемуваат волуменот на урината. Тука спаѓаат:

Алкохол

Кофеин

Газирани пијалоци и газирана вода

Вештачки засладувачи

Чоколадо

Чили пиперки

Храна која е богата со зачини, шеќер или оцет

Лекови за срце и крвен притисок, седативи и мускулни релаксанти

Големи дози на витамин Ц

Уринарната инконтиненција, исто така, може да биде предизвикана од медицинска состојба која лесно се лекува, како што се:

Инфекција на уринарниот тракт. Инфекциите можат да го иритираат мочниот меур, предизвикувајќи силен нагон за мокрење, а понекогаш и инконтиненција.

Запек. Ректумот се наоѓа во близина на мочниот меур и дели многу исти нерви. Цврста, набиена столица во вашиот ректум предизвикува овие нерви да бидат прекумерно активни и да ја зголемат фрекфенцијата на мокрење.

Постојана уринарна инконтиненција

Уринарната инконтиненција, исто така, може да биде постојана состојба предизвикана од основни физички проблеми или промени, вклучувајќи:

Бременост. Хормоналните промени и зголемената тежина на фетусот може да доведат до стресна инконтиненција.

Породување. Вагиналното породување може да ги ослаби мускулите потребни за контрола на мочниот меур и да ги оштети нервите и потпорното ткиво на мочниот меур

Промени со возраста. Стареењето на мускулите на мочниот меур може да го намали капацитетот на мочниот меур да складира урина.

Менопауза. По менопаузата, жените произведуваат помалку естроген, хормон кој помага да се одржи здрава слузницата на мочниот меур и уретрата. Влошувањето на овие ткива може да ја влоши инконтиненцијата.

Зголемена простата. Особено кај постарите мажи, инконтиненцијата често произлегува од зголемувањето на жлездата на простатата, состојба позната како бенигна хиперплазија на простатата.

Рак на простата. Кај мажите, стресната инконтиненција или нагонската инконтиненција може да биде поврзана со нелекуван рак на простата. Но, почесто, инконтиненцијата е несакан ефект на третманите за рак на простата.

Опструкција. Тумор насекаде по должината на вашиот уринарен тракт може да го блокира нормалниот проток на урината, што доведува до прелевање на урината. Уринарни камења – тврди, камени маси кои се формираат во мочниот меур – понекогаш предизвикуваат истекување на урината.

Невролошки нарушувања. Мултиплекс склероза, Паркинсонова болест, мозочен удар, тумор на мозокот или повреда на ‘рбетот може да се мешаат со нервните сигнали вклучени во контролата на мочниот меур, предизвикувајќи уринарна инконтиненција.

Ризик фактори

Фактори кои го зголемуваат ризикот од развој на уринарна инконтиненција вклучуваат:

Пол. Жените имаат поголема веројатност да имаат стресна инконтиненција. Бременоста, породувањето, менопаузата и нормалната женска анатомија се причина за оваа разлика. Сепак, мажите кои имаат проблеми со простатата се изложени на зголемен ризик од нагон и преливна инконтиненција.

Возраст. Како што стареете, мускулите на мочниот меур и уретрата губат дел од својата сила. Промените со возраста ја намалуваат издржливоста на вашиот мочен меур.

Прекумерна тежина. Дополнителната тежина го зголемува притисокот врз мочниот меур и околните мускули, што ги ослабува и дозволува урината да истекува кога кашлате или кивате.

Пушењето. Употребата на тутун може да го зголеми ризикот од уринарна инконтиненција.

Семејна историја. Ако член на блиското семејство има уринарна инконтиненција, особено итна инконтиненција, ризикот од развој на состојбата е поголем.

Некои болести. Невролошката болест или дијабетесот може да го зголемат ризикот од инконтиненција.

Превенција

Уринарната инконтиненција не секогаш може да се спречи. Сепак, за да го намалите ризикот:

Одржувајте здрава тежина

Вежбајте вежби за карлицата

Избегнувајте надразнувачи на мочниот меур, како што се кофеин, алкохол и кисела храна

Јадете повеќе растителни влакна. Ратителните влакна го одржуваат здравјето на дигестивниот тракт

Престанете со пушењето

Leave a Reply

Your email address will not be published.