ЈОГА за здравје, виталност и благосостојба

Автор: Д-р Благоја Ѓорѓиески, специјалист физијатар, професор по јога, претседател на Јога Сојуз на Македонија

This image has an empty alt attribute; its file name is benefits-yoga-fb-1024x538.jpg

Јогата е древна наука за човекот која придонесува за одржување и унапредување на здравјето на поединецот. Се состои од група на техники кои овозможуваат позитивни ефекти кај оние кои ја практикуваат. Затоа денес јогата е многу популарна и постојат многу школи кои ја препорачуваат. Но треба да се знае дека за да се предава јога, инструкторот треба да има големо искуство во јога филозофијата и практиката. За жал, ретки се јога школите кои нудат соодветно знаење за науката на јогата и заради тоа секој кој сака да практикува јога или сака да се стекне со знаење за наставник по јога, треба да побара добар учител по јога. За среќа, кај нас постои јога школа со континуирана активност од скоро 50 години. Постојат повеќе јога центри во нашата држава кои се членки на Јога Сојузот на Македонија.

Јогата како практична дисциплина ги дава своите ефекти благодарение на континуираната работа на редовната програма. Таа опфаќа повеќе техники, како што се асани- телесни позиции, техники за дишење, банди, мудри, техники за релаксација, концентрација и медитација. Својствено за сите техники е тоа дека треба да се изведуваат бавно, опуштено, без напрегање и со посветеност. На тој начин практикантите се стекнуваат со добра еластичност, ментална смиреност и подобра самоконтрола. Заради едноставност на почетниот програм, јога може да практикуваат лица со различна возраст, помлади и постари лица, дури и лица со одредени здравствени потешкотии. Постојат и специјализирани курсеви по јога за одредени категории на заболувања каде програмата е прилагодена за истата и искусен инструктор по јога на лесен начин може да избере соодветни јога техниките за таа намена.

Популарноста на јогата се должи на тоа што оние кои ја практикуваат за брзо време се стекнуваат со одредени подобрувања на физичко и психоментално ниво. Денес, заради брзото темпо на живеење и заради присуството на стресот во секојдневието, луѓето се стекнуваат со голем број на здравствени потешкотии. Тоа се т.н. психосоматски заболувања кои се повеќе ги опфаќа  сите взрасни групи. Во тие заболувања спаѓаат дијабетот, покачениот крвен притисок, срцевите заболувања, астмата и алергиските манифестации, автоимуните заболувања и др. Заради се поголемата зачестеност на овие заболувања, покрај современата медицинска терапија, се повеќе лекарите ја препорачуваат јогата како можност за надминување на здравствените потешкотии. Се покажало дека јога техниките придонесуваат за намалување и отстранување на основните причини за појава на психосоматските заболувања. Основно е што редовното практикување на јога техниките придонесува за намалување на последиците од секојдневните стресови, одржување на функционалноста на човекот на телесно и психоментално ниво со одржување на виталноста и постигнување на ментална смиреност и благосостојба. Со такво искуство стануваме поздрави и поспособни за секојдневните работни задачи но и помудри за посветување на соодветно внимание на себеси и на другите околу нас.

Јога техниките се покажале посебно добри за виталност на зглобовите и рбетниот столб. Начинот на изведувањето на техниките и активирањето на сите делови на телото придонесуваат за поголема еластичност на целото тело. Се прават такви истегнувања кои придонесуваат за подобро држење на телото, поголема исправеност, зголемена цврстина и физичка издржливост. Тајната на сите позитивности од изведувањето на јога техниките е во рамномерно распределување на оптеретувањето на сите мускулни групи. Овие придобивки се од големо значење за превенција и надминување на многу потешкотии во грбот, вратот и други делови на рбетот кои се зачестени кај лица кои долги саати седат на работа или дома. Кога еднаш ќе се научат како се изведуваат овие техники, истите може секојдневно да се повторуваат за одржување на виталноста на телото.